Германскиот Mercedes инвестира сè повеќе пари во решенија за индивидуална урбана мобилност

Mercedes минатата година на Саемот за автомобили во Франкфурт претстави идејно издание на својот електричен скутер, за сега да ја претстави сериската варијанта. Електричниот тротинет е развиен заедно со швајцарската компанија Micro Mobility Systems AG, која ќе го произведува ова „возило“.

Тротинетот на Mercedes e наречен EQ eScooter, што е јасна асоцијација на палетата електрични возила на германскиот производител на автомобили чии имиња започнуваат со „EQ“.

Од прес службата на Mercedes наведуваат дека EQ eScooter е изработен од најквалитетни материјали, со цел да се даде доволно долг животен век, а според проценката е околу 5.000 поминати километри.

Овој електричен тротинет тежи 13,6 килограми, а користи батерија од 7,8 Ah. Максималната брзина е 20 km/h, а Mercedes, односно швајцарскиот партнер, вложил дополнителен напор околу суспензијата и тркалата, така што EQ eScooter полесно може да ги надмине пречките на патот. Автономијата е 25 километри со полна батерија.