Специјалната дивизија на познатата италијанска марка, Ferrari Special Projects, осмислила и дизајнирала уште едно уникатно и ексклузивно возило

Тоа и била идејата на основачите на овој профитен центар – креативност на посебен тим на професионалци да создаваат специјални возила засновани на „цивилни“ модели на Ferrari.

Во овој случај донорот односно базата за работа е купето Ferrari 812 Superfast, кое има V12 мотор сместен напред.

Во изминатите единаесет години, тимот на Маранело осмислил девет проекти со 12-цилиндерски мотори, а ова е јубилеен десетти специјален проект. Возилото е нарачано од одреден неименуван голем фан на марката од Европа, а неговото производство траело нешто повеќе од две години. Деновиве конечно е на увид на светската јавност.

Главниот предизвик бил да се создаде нова форма на каросерија која јасно се надоврзува на легендарниот модел на Ferrari 250 GTO, како и на тркачките модели 250 LM од 1960-те. Сите панели на каросеријата се оригинални и изработени од алуминиум и се во согласност со посебните барања од налогодавачот. Од донорскиот модел се наследени само светлата и предното ветробранско стакло.

Промените во салонот се сведени на крајната декорација. Седиштата се тапацирани со сина кожа и тексас. Сигурносните ремени се врзуваат во четири точки. Бројни акценти се направени во сребрена нијанса, за разлика од деталите кај оригиналниот Superfast изработени во црна боја.

Сo оглед дека нема информација за уникатни технолошки решенија, може да се заклучи дека тие останале идентични со донаторскиот модел. Ferrari 812 Superfast се придвижува со 6.5-литарски атмосферски мотор, кој развива 800 коњски сили. Работи во тандем со 7-степен автоматски менувач, има погон на задните тркала, додека неговата шасија е целосно електронски контролирана.

Ferrari Omologata е еден, единствен, уникатен, па сразмерно и цената би требало да е таква. Не е објавена, но сигурно значи дека е неколку милиони евра.