Шведскиот производител користи разни технологии за да ја подобри безбедноста на возилото, но интересно е што и видео игрите се меѓу нив

Симулаторот кој го користи Volvo се потпира на технологија развиена за видео игри. Така, тестер на Volvo се наоѓа на седиште пред кое има волан и сите контроли како во стандарден автомобил, но возењето се одвива во виртуелен свет, каде се предвидени различни сценарија. Всушност, од Volvo наведуваат дека со употреба на VR-очила, многу е тешко да се разликува симулација од реални услови на возење за оној кој се наоѓа во симулаторот.

Оваа технологија им овозможува на инженерите на Volvo да исценираат разни настани на патот и да видат какви се реакциите на автомобилот односно возачот. Анализата на она што се случува во овој симулатор овозможува понатамошно имплементирање на знаењето во вистинските автомобили и системи за активна и пасивна безбедност.

Покрај тоа, од Volvo посочуваат дека овој систем е многу ефикасен, но и евтин. Да се ​​испитаат сите овие сценарија и можни околности во реални услови со вистински автомобили, потребни се далеку повеќе пари. Симулаторот обезбедува и голема заштеда на време, бидејќи е можно истовремено користење на низа од симулатори со различни возачи во различни режими на возење и со тоа да се соберат голема количина на податоци за значително помалку време отколку што би било потребно во реални услови на возење.

Современата технологија навистина им ја олеснува работата на производителите на автомобили. Барем кога станува збор за развој на нови системи за безбедност и нивно тестирање.