Компанијата Uber најави дека планира да соработува со војската на САД за да развие нова технологија за ротор за тивки VTOL (Vertical Take Off and Landing) летала, со кои летечките автомобили веќе нема да бидат само научна фантастика

Имено, компанијата Uber ќе работи заедно со командата на војската на САД задолжена за истражување, развој и инженеринг, а според наводите за оваа цел ќе бидат потрошени околу еден милион долари. Овие средства ќе бидат насочени за развој и тестирање на прототип на ротор систем, дизајниран специјално за вертикално полетување и слетување.

Изданието Autonews наведува дека новиот систем има два ротори, еден над друг, кои ќе ротираат во иста насока, што треба да резултира со тоа системот да биде потивок од оние со конвенционална позиција на роторот.

„Еден од критичните пречки поради која сеуште немаме VTOL летала над градовите (летачки такси автомобили) е всушност буката“, вели шефот за развој на компанијата Uber Elevate, Роб Мек Доналнд. Тој вели дека неговата компанија сака да воспостави уште врски со владини агенции, со цел да светот да види прототип на летечко такси возило до 2020 година.

Од друга страна, американската армија покажала интерес за развој на новата генерација на беспилотни летала, кои може да полетуваат и слетуваат вертикално, а кои би биле потивки од сегашните модели.

Освен Uber, компании, како што се Boeing, Airbus и мала компанија чиј ко-основач е Лери Пејџ, исто така, инвестираат големи суми на пари во мали, автоматизирани и електрични летала, кои може да се користат во населени места.