Цените на горивата во Македонија се сеуште меѓу најниските во Европа

Сведоци сме на постојан раст на цените на горивата предизвикан од актуелната глобална енергетска криза, чиј крај, барем засега, не се гледа. До каде ќе оди целата ситуација навистина не може да се предвиди, но она што може да се каже е дека и покрај тоа што точиме гориво по цени меѓу најниските на Стариот континент, тие не соодвејствуваат со нискиот стандард на населението. Пред нас е уште еден круг од локалните избори, и додека не заврши, рацете на Владата евентуално да интервенира во тој дел, се врзани. Дали потоа ќе направи потег сличен на хрватската влада, а тоа е замрзнување на цената на одреден период, или пак ќе се одлучи за намалување или откажување на дел од давачките кон државата, останува да видиме наскоро. Дотогаш може да се „тешиме“ со фактот дека точиме горива по цени меѓу најниските во Европа.

Така, на пример, во Холандија во еден момент цената на бензинот достигна 2,06 евра за литар бензин (европски рекорд кој во меѓувреме доживеа мал пад), а Италијанците и Германците веќе плаќаат по две евра на автопатските станици. Русија, Белорусија и Турција, пак, плаќаат помалку од евро за литар бензин. Колкава цена за литар гориво плаќаат европските возачи во моментов може да проверите на порталот autotraveler.ru или globalpetrolprices.com.