The Rig ќе биде базиран на нафтена платформа во Персискиот Залив, заедно со три хотели, 800 соби, единаесет ресторани, roller coaster, воден тобоган …

Саудиска Арабија, која поседува околу 17 отсто од светските нафтени резерви, објави нова стратегија за да ги направи нафтените платформи „попријателски“ за јавноста. Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија (PIF) го претстави The Rig, одморалиште од 150.000 квадратни метри инспирирано од морските нафтени платформи.

The Rig ќе биде базиран на нафтена платформа во Персискиот Залив, заедно со три хотели, 800 соби, единаесет ресторани, roller coaster, воден тобоган, панорамско тркало, банџи скокање, нуркање, патека за картинг… Ќе биде достапен со брод, јахта, крстарење или хеликоптер, велат од PIF.

Промотивното видео прикажува слики од водени тобогани изградени на платформа за дупчење, како и хотелски атриум од челик и стакло во центарот на атракцијата. Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија не ја открива локацијата, но се знае дека многу саудиски нафтени платформи се групирани во близина на градот Дамам. Не е јасно дали платформата ќе биде изградена од темел или некоја сегашна ќе биде претворена во тоа што се најавува. Датумот на отворање исто така не е наведен, освен дека иницијативата е дел од стратегијата од 2021 до 2025 година.