Третата сезона на The Grand Tour последна?
Amazon не планира да го продолжи договорот со екипата на The Grand Tour, што значи дека нема да има четврта сезона, пишува Daily Mail
Кога Џереми Кларксон, Ричард Хамонд и Џејмс Мај во 2015 година потпишале договор со Amazon, тие се согласиле да снимат три сезони или 36 епизоди. Досега се емитувани две многу успешни сезони, но се чини дека Amazon нема намера да го продолжи договорот со нив.
Британскиот таблоид Daily Mail наведува дека Кларксон веќе добил нова работа како водител на квизот „Кој сака да биде милионер“, кога ќе се заврши со снимањето на The Grand Tour, додека Хамонд, Меј и остатокот од тимот ќе мора да бараат работа на некое друго место.
Имено, извор запознаен со целата ситуација вели дека ништо не укажува на тоа дека ќе биде снимена уште една сезона на шоуто, па сите вработени се прашуваат каде и што по завршувањето на шоуто.
Кларксон одбива да ги коментира овие наводи, додека продуцентот на шоуто, Енди Вилман, едноставно вели дека тимот сега се фокусира на снимањето на третата сезона.
The Grand Tour, кога започна со емитување, беше критикувана поради тоа што немало нови идеи, што се промени со втората сезона, па сега шоуто добива многу пофалби.