Toyota започнува производството на новиот Yaris и во Чешка
Toyota Motor Manufacturing Czech (TMMCZ) станува втората европска фабрика, по фабриката во Франција, која го произведува Yaris, носителот на европската титула „Автомобил на годината 2021“
Воведувањето на втор модел во производствениот процес означува важна пресвртница за TMMCZ (претходно TPCA), откако фабриката стана целосна сопственост на Toyota Motor Europe во јануари 2021 година. Toyota инвестираше над 180 милиони евра во реконструкција на фабриката за производство на возила од А и Б сегментот на својата TNGA B-платформа (Toyota New Global Architecture). Капацитетот на фабриката сега е проширен, а воведени се три смени за зголемување на производството на Yaris, како и поради воведувањето на новиот модел Aygo X од 2022 година.
„Во последните три години изградивме нови производствени капацитети, воспоставивме нови логистички врски, инсталиравме модерна технологија и што е најважно, вработивме речиси 1.600 нови работници. Исто така, би сакал да изразам благодарност до нашите вредни добавувачи и надворешни партнери во регионот, за нивната одлична соработка и вредна поддршка“, вели Кореатсу Аоки, претседател на TMMCZ.
Инвестицијата на Toyota сега овозможува и производство на хибридни електрични возила во погоните на TMMCZ, потврдувајќи го успехот на Yaris Hybrid, кој сочинува 80% од продажната комбинација на Yaris во Европа. Хибридно-електричните погонски единици за TMMCZ и TMMF се произведуваат во Toyota Motor Manufacturing Poland.
„Овој настан претставува возбудлив чекор напред во иднината за TMMCZ, бидејќи отсега оваа фабрика ќе започне со производство на нашиот најпродаван автомобил во Европа. Продажната цел на Toyota во Европа е 1,5 милиони продадени возила до 2025 година, а Yaris ќе игра клучна улога во постигнувањето на таа цел. Во исто време, воведувањето на платформата TNGA и хибридните погонски единици на линиите во TMMCZ е во согласност со нашата стратегија низ целиот регион“, вели Марвин Кук, извршен потпретседател на Toyota Motor Europe.