Toyota проценила дека понатамошното поврзување со Олимписките игри ќе и донесе лош имиџ
Официјалниот спонзор на Олимписките игри во Токио, Toyota, објави дека се откажува од плановите поврзани со започнувањето на промотивната кампања на брендот, која би се базирала на Олимписки игри кои започнуваат за два дена
Одлуката следи по зголемениот отпор на локалните граѓани, кои се чувствуваат непријатно од одржување игри за време на здравствената криза. Иако раководството на Toyota не ги наведува експлицитно причините за повлекувањето, се чини дека тие се прилично јасни.
Рекламната кампања првично беше наречена „Започни го своето невозможно“ (Start Your Impossible). Кампањата е специјално дизајнирана да ја нагласи важноста на Олимписките игри. Сепак, официјалниот претставник на компанијата Toyota, Јун Нагата изјави дека станува сè потешко да се поверува дека врзувањето на имиџот на компанијата со оваа Олимпијада ќе донесе нешто добро за брендот.
„Ова започнува да биде Олимпијада која станува сè потешко да се разбере на повеќе нивоа“, изјави Нагата за јапонските медиуми.
Јапонскиот производител исто така нагласи дека нема да испрати свои претставници на церемонијата на отворање на Олимписките игри. Портпаролот на Toyota, Шиори Хашимото, вели дека одлуката е донесена со оглед на задолжителното отсуство на публика на настанот.
Според извештаите на медиумите од Далечниот исток, помалку од илјада официјални лица и таканаречени „многу важни луѓе“ (вклучително и спонзори) ќе бидат присутни на церемонијата закажана за во петок. Шеесет јапонски компании инвестираа рекордни 3,3 милијарди долари на Олимписките игри во Токио, додека самата Toyota изброила дури 500 милиони од најмалите американски банкноти.
Сепак, профитабилноста на инвестицијата е доведена во прашање, со оглед на тоа што е во сила забраната за присуство на гледачи на спортски натпревари, што беше утврдено од страна на локалните власти со цел да се задржи епидемијата под контрола.
Патем, производителите на автомобили имаа големи планови за настанот во Токио. Компанијата претходно објави дека ќе обезбеди цела гама на електрифицирани возила. Како партнер на игрите одговорен за прашања со мобилноста, компанијата разви неколку посебни и ограничени серии на постоечки возила, а некои се создадени исклучиво за оваа намена.
Toyota уште во 2019 година објави дека планира да вклучи околу 3.700 возила од различни класи во приказната за игрите. 90% од нив требаше да бидат електрифицирани, што значи дека спаѓаат во сегментите: HEV, FCEV, PHEV и BEV. Флотата вклучува и возила од типот: Accessible People Mover (APM) и e-Palette, исто како и Toyota Concept-i. Компанијата изјави дека има флота на електрифицирани возила, од кои 500 се од водородниот сегмент, додека има околу 850 од нив со технологија на батериски модели.