Новиот модел ќе заземе позиција под Toyota C-HR, а би требало да дебитира оваа година

Toyota во 2019 година ја претстави новата генерација на Yaris, а како што дознава AutoExpress, јапонскиот производител нема да застане тука кога станува збор за нови субкомпактни возила.

Британскиот авто магазин тврди дека Toyota за оваа година подготвува нов кросовер базиран на Yaris, уверени дека во нивната гама има простор за еден ваков модел, но и поради фактот дека клиентите ќе продолжат да бараат се повеќе SUV модели и во иднина.

Во Toyota се задоволни со пазарната позиција на C-HR помеѓу кросовер/SUV моделите од C-сегментот. Компанијата е свесна дека C-HR не може да се натпреварува со некои попрактични возила со слична големина, како што е Nissan Qashqai, па затоа акцентот кај овој модел е на дизајнот.

Што се однесува до новиот мал кросовер базиран на Yaris, неговото име сè уште не е познато, но овој автомобил ќе се соочи со силна конкуренција од типот на Ford Puma или новите Renault Capture и Nissan Juke – сите три возила дебитираа во 2019 година.

Магазинот AutoExpress исто така наведува дека новиот кросовер на Toyota ќе биде само неколку милиметри подолг од Yaris, а механичката платформа TNGA-B овозможува и електрификација на автомобилот.

Истиот извор верува дека автомобилот ќе дебитира до крајот на годината, а со продажба би започнал во 2021 година.