Ова е понуда за клиентите кои ценат атрактивен изглед и уште подобри перформанси надвор од патот.

Toyota Hilux е пик-ап кој не треба да се презентира бидејќи има долга традиција како едно од најдобрите возила во својата класа. Ова е поткрепено со титулата меѓународен пик-ап на годината IPUA, како и со бројните успеси, вклучително и настапите на релито Дакар.

Toyota Hilux GR Sport е дизајниран да го донесе духот на Дакар и да го привлече вниманието на клиентите со активен животен стил, поради што се воведени некои технички и стилски подобрувања.

Hilux GR Sport значително се разликува од стандардната верзија. Анфасот на возилото е значително променет – поставена е нова саќеста решетка со сјајна црна рамка, во средината стои името Toyota секако придружено со ознаката GR. Тука е и светлосната група која во суштина е иста како рестилизираниот Hilux, се разбира, изработена во LED технологија.

Овој пикап е поставен на тркала од 17 инчи и стандардно доаѓа со гуми за сите терени. Toyota, како и обично, на неколку места во екстериерот ја поставила ознаката GR, што во суштина е очекувано.

Моделот се придвижува о 2,8 D-4D (iGD-FTV) мотор со зафатнина од 2.755 кубика, со 204 КС (150 kW) и 500 Nm вртежен момент. Моќноста до сите четири тркала се пренесува преку автоматски шестстепен менувач.

Со цел овој модел да има подобри возни карактеристики, ревидиран е системот на суспензија, па така моделот добил нови амортизери и ревидирани пружини (напред спирални, позади лиснати), со што е постигнато подобро амортизирање на високофреквентните вибрации, побрза реакција, подобра стабилност и удобност. Воедно, новите амортизери се препознатливи по црвената боја, а во однос на стандардните имаат поголема површина на клиповите и подобар одвод на топлина.

Дополнително, ревидирани се и автоматскиот диференцијал со ограничено пролизгување и системот за активна контрола на тракцијата, а заменети се и чаурите на лежиштата.

Во салонот се поставени нови спортски седишта, нови патосници, спортски алуминиумски педали, црно/црвени детали, сино осветлување, двозонска клима…

Цените ќе бидат познати непосредно пред стартот на продажбата, а тоа значи некаде пред почетокот на летото.