Јапонскиот гигант Toyota планира голема инвестиција во нов тест комплекс кој ќе биде имитација на легендарната патека Нирбургринг во Германија

Како што е соопштено од страна на локалните медиуми, Toyota комплексот ќе го изгради во Аичи на островот Хоншу, а ќе содржи 11 тест патеки, од кои една ќе биде реплика на легендарниот „Зелен пекол“, Nordschleife патеката во западниот дел на Германија, каде што речиси сите производители на автомобили ги тестираат своите модели.

Сепак, ова нема да биде идентична копија. За разлика од Nordschleife на Нирбургринг, која е долга 20,7 километри, верзијата на Toyota ќе биде долга само 5,3 километри но ќе содржи комбинација на кривини и нагорнини како во Германија.

Целта на патеката ќе биде тестирање на управувањето и способноста за сопирање на нови автомобили во тешки услови со цел да се исполнат светските прописи.

Постојат шпекулации дека Toyota ќе инвестира речиси три милијарди долари, но се истакнува дека тоа е потребен трошок за компанијата, бидејќи сегашните тест комплекси се пополнети додека јапонскиот гигант планира нови модели на алтернативни погони.

Повеќето од 11-те патеки во планираниот комплекс ќе бидат резервирани за развој на електрични автомобили.

„Нирбургринг“ на Toyota би требало да биде завршен до 2023 година, а ќе вработува околу 3.300 вработени. Дополнително ќе бидат вработени 550 работници.