Toyota Highlander пристигнува во Европа
Европската публика веќе извесно време е доста заинтересирана за Toyota Highlander, која досега беше резервирана пред се за американскиот пазар
Тоа веќе нема да биде така, затоа што јапонскиот производител го претстави овој седмосед и за Стариот континент, на чиј пазар ќе пристигне на почетокот од следната година.
Овој SUV со три реда на седишта се придружува на големиот асортиман на модели со зголемен клиренс во Европа, каде што веќе имаат свои позиции C-HR, Land Cruiser, RAV4, а тука ќе влезе и неодамна лансираниот Yaris Cross. Дебитантот почива на платформата GA-K и изгледа буквално идентично со моделот за северно-американскиот пазар.
Toyota наведе и некои спецификации во врска со јапонскиот теренец, кои во најголем дел се идентични со американскиот модел, како што е багажникот од 658 литри, кој може да се прошири на цели 1.909 литри.
Она што можеби е најваѓно е тоа дека на клиентите во Европа ќе им се понуди исклучиво хибриден Highlander. Под хаубата носи 2.5-литарски бензински мотор во Аткинсон циклус, спарен со преден и заден електричен мотор, кои добиваат енергија од никел-метал хидридна батерија. Моќноста на оваа единица е 248 КС, со емисија на CO2 од 146 g / km и просечна потрошувачка на гориво од 6,6 l / 100 km (WLTP). Според Toyota, овие бројки претставуваат најдобар однос на моќност со емисија во сегментот.
Во однос на безбедноста, Toyota Highlander во продажба ќе биде пуштен со Toyota Safety Sense пакетот за асистенција на возачот. За Европа, овој пакет се состои од систем за спречување челен судир со активна помош за управување, активен темпомат, откривање на сообраќајни знаци, автоматско долги светла и сл.
Цените ќе бидат објавени пред почетокот на продажбата.