Toyota го претстави серискиот електричен теренец bZ4X / ФОТО+ВИДЕО
Во април оваа година Toyota го претстави електричниот концепт наречен bZ4X, за сега да го тргне превезот и од серискиот модел
Овој SUV модел со нулта емисија е првиот член на подбрендот bZ (beyond Zero) на Toyota, во чии рамки во наредните години ќе бидат лансирани седум модели. BZ4X габаритно е приближно RAV4 и се базира на e-TNGA платформа за електрични возила.
Кога ќе излезе во продажба во средината на 2022 година, овој електричен SUV ќе биде достапен во две верзии, во зависност од бројот на електрични мотори што ќе ги има. Основната верзија секако се потпира на „еден“ електромотор поставен на предната оска, максимална моќност од 150 kW (204 КС) и 265 Nm максимален вртежен момент. Овој модел со погон на предните тркала би требало да забрзува од место до 100 km/h за 8,4 секунди, со максимална брзина од 160 km/h.
Верзијата со погон на сите тркала, од друга страна, со по еден електричен мотор на секоја оска, кој комбинира 160 kW (218 КС) и 336 Nm, забрзува до 100 km/h за 7,7 секунди, додека максималната брзина останува непроменета. Она што вреди да се напомене е дека интегралниот погон што ја краси попрестижната верзија е развиен во соработка со Subaru.
Без разлика кој модел ќе го изберат, купувачите ќе имаат на располагање батерија со течно ладење од 71,4 kWh, за прв пат во една Toyota. Основниот модел ќе обезбеди автономија до 450 километри (WLTP), при што Toyota тврди дека батеријата нема да изгуби повеќе од 10 отсто од перформансите за 10 години користење, или во рок од 240.000 километри.
Кога ќе се појави на пазарот, bZ4X ќе биде првата сериска Toyota која ќе биде опремена со опционален електронски систем за управување, без механичка врска помеѓу воланот и тркалата. Јапонскиот производител ветува дека овој систем ќе даде подобрено чувство на воланот и намалени нивоа на вибрации. За време на лансирањето, оваа технологија ќе биде достапна на одредени пазари, а моделите опремени со неа ќе имаат волан во форма на јарем, како Model S Plaid на Tesla, наместо традиционалниот „обрач“.
Toyota ќе го објави ценовникот и деталите за испорака кога ќе започне продажбата. BZ4X ќе биде достапен на пазарите во Европа, САД, Јапонија и Кина, почнувајќи од средината на 2022 година.
https://youtu.be/d9qp2eoOWCk