Toyota својот кросовер Highlander на европските пазари го нуди од 2021 година, па следствено дојде време и за ажурирање на моделот. Ажурирањето главно се однесува на опремата на моделот, која вклучува тркала од 20 инчи, нова боја за каросеријата и мултимедијален систем Smart Connect со Cloud навигација.

Изборот на мотори за Стариот континент е скромен, бидејќи брендот се потпира на хибридна единица, чија основа е 2,5-литарски мотор со 4 цилиндри и вкупна моќност од 248 КС. Комбиниран е со варијаторски менувач и систем за погон на четири тркала. Во понуда сега ќе биде и 2.4-литарскиот турбо мотор од Lexus NX.

Новиот мотор развива 269 КС и 430 Nm, а ќе биде достапен само на источноевропските пазари, каде што го заменува 3.5-литарскиот V6. Во Западна Европа, компанијата ќе продолжи целосно да се потпира на хибридниот погон.

Покрај новиот мотор, Highlander од моделната 2023 година ќе добие и нова боја – Cypress Green, 20-инчни тркала во сјајна црна боја и две нови опции за кожен тапацир за внатрешноста – беж и окер. Кросоверот ќе биде опремен со новиот мултимедијален систем Smart Connect со екран од 12,3 инчи и инструмент табла со иста големина.

Cloud навигацијата ќе биде достапна без да мора да се спарува паметен телефон и без дополнителни трошоци за податоци – новиот Highlander се продава со вклучен четиригодишен план за податоци, што овозможува безжично ажурирање на системот. Моделите од високата класа се опремени со Toyota Smart Connect+, кој дополнително обезбедува вграден систем за навигација. Овозможува планирање правци кога и каде нема врска со „облакот“.

Ова исто така обезбедува и 3D мапирање на градот, препознавање на патните знаци и информации за локацијата на камерите за мерење на брзина. Новите системи овозможуваат корисни далечински функции, вклучително заклучување и отклучување на вратите и ракување со алармните светла за да помогнат во лоцирањето на возилото на полн паркинг. Овозможено е и безжично поврзување со паметен телефон преку Apple CarPlay, плус жична врска за користење на системот Android Auto. Сите модели на Highlander сега доаѓаат со подлога за безжично полнење преместена на предната конзола за полесно користење.