Toyota Corolla Trek: за оние кои сакаат повремени теренски излети
Toyota објави фотографии од „крос“ верзијата на караванската Corolla која на пазарот треба да биде директен конкурент на Ford Focus Active Wagon
Јапонскиот производител ќе се обиде да привлече клиенти кон друг автомобилски сегмент, во кој засега можеби и нема многу конкуренти, но станува се попопуларен во Европа.
Станува збор за пазарот за компактни „крос“ каравани чии типични претставници се Škoda Octavia Scout и VW Golf Alltrack, а од неодамна и Focus Active Wagon.
Во споредба со стандардната Corolla Touring Sports, верзијата Trek има за 20 mm повисоко тло, различен дизајн на некои надворешни елементи (решетката на ладилникот, браниците …), специјални алуминиумски фелни од 17 инчи, како и целосно LED предни светла.
Задните прозорци на автомобилот се затемнети, а од стандардната Corolla се разликува по ознаката Трек на надворешноста и во внатрешноста на возилото.
Тапацирот е во комбинација од две бои, а ентериерот е збогатен со украсни детали од дрво. Стандардната опрема вклучува 7-инчен TFT мултимедијален дисплеј, како и 7-инчна инструмент табла со дисплеј и најновиот безбедносен пакет за Toyota Safety Sense.
Клиентите ќе можат да избираат помеѓу три погонски опции. Во понуда ќе бидат 1.2-литарски турбо бензинец, 1.8-литарски бензински агрегат и 2.0 бензинско хибридна варијанта. Исто како и Focus Active Wagon, Trek најверојатно ќе биде достапен само во верзија со преден погон.
Повеќе детали Toyota ќе открие откако Corolla Trek ќе се појави во европските салони, иако тој датум не е познат.