Daimler официјално ги негира извештаите дека Тото Волф ќе ја напушти својата позиција шеф на тимот на Mercedes во Formula 1, како и тоа дека  тимот ќе се повлече од спортот, но…

Деновиве во германските медиуми се појавија написи во кои се тврди дека Австриецот го напушта управувањето со тимот, но сепак ќе остане во надзорниот одбор на тимот и ќе го задржи својот удел во него, на што од компанијата одговорија дека информациите се неосновани и неодговорни.

„Шпекулациите за можно повлекување од Formula 1 продолжуваат да бидат неосновани и неодговорни“, се вели во официјалното соопштение од Daimler. „Спортот презеде чекори за справување со пандемијата COVID-19 и обезбедување на финансиска стабилност. Ги поздравуваме овие чекори. Наша јасна намера е да продолжиме да се натпреваруваме во Formula 1 и во наредните години со фабричкиот тим на Mercedes, заедно со нашиот партнер Тото Волф“.

Како и да е, договорот на Австриецот за позицијата директор за мотоспорт во концернот од Штутгарт истекува на крајот од 2020 година. Засега нема индикации дека тој се согласил со раководството на Daimler за продолжување на договорот.