Механичките копчиња немилосрдно заминуваат во историјата

Во автомобилите од иднината дефинитивно нема да останат познатите копчиња, преклопници… за контрола на системите, а луѓето треба брзо да се навикнат на екраните на допир. Револуцијата е во тек и застанување нема. Модулите со големи дисплеи управуваат со мултимедијата, климатизацијата и многу други системи.

Што се однесува до главните екрани за мултимедијата, повеќето производители го усвојуваат стандардот XL – дијагонала од 12-12,3 инчи. Големите играчи во индустријата – како Porsche, Audi, BMW или Mercedes-Benz – засега се лидери, но во глобала има и поголеми екрани. Тие се дело на компании кои штотуку стапнуваат на сцената. 

1. Byton M-Byte – 48 инчи

Најголемиот екран во светот на автомобилите припаѓа на новиот електричен кросовер во Кина, наречен Byton M-Byte. Формално, ова не е производствен автомобил, бидејќи првите единици од него од фабричките ленти треба да излезат кон крајот на оваа есен. Екранот има дијагонала од 48 инчи и се простира под шофершајбната практично зафаќајќи го целото растојание помеѓу предните столбови.

На огромниот екран се прикажуват сите информации од мултимедијата, преку интернет сервисите, состојбата на единицата за напојување и многу повеќе. Осветленоста на екранот автоматски се прилагодува за да не го заслепи возачот. Покрај овој 48-инчен екран, во салонот на M-Byte има уште четири екрани, од кои едниот е поставен на воланот.

2. Tesla Model S – 17 инчи

Model S е автомобилот во кој практично дебитираа огромните екрани на допир. Токму моделот S на Tesla на светот му го покажа какви треба да бидат мултимедијалните системи, пред сè, нивниот контролен центар. Минималистичкиот ентериер на Tesla со 17-инчен вертикален екран буквално ја разнесе автомобилската индустрија во 2017 година.

Самиот екран на допир е целиот екосистем на електричното возило – од поставките за климатизацијата и електриката до Google 3D навигацијата и автопилотот. Подоцна, сличен екран се појави во кросоверот Tesla Model X, додека во Model 3 и Model Y дијагоналата на дисплејот е 15 инчи.

3. Li One – 16,2 инчи

Хибридниот кросовер Li One, создаден од нова кинеска компанија, беше прикажан на Саемот за автомобили во Шангај оваа пролет и, пред се, беше запаметен благодарение на огромниот дисплеј што ја зафаќа целата ширина на панелот. Во средина е главниот екран од 16,2 инчи, кој е одговорен за мултимедијалниот систем и апликациите.

Странично се поставени два „помали“ екрани од 12.3 инчи – едниот е дигитален приказ на инстументализацијата, а другиот за забава за патниците. Постои и четврт екран, кој се наоѓа подолу и е одговорен за климатизација, удобноста, осветлувањето и многу повеќе. Цената на Li One за Кина е 60.000 американски долари.

4. Rivian R1S – 15,6 инчи

Младата американска компанија Rivian Automotive создава невообичаени електрични теренски возила со автономија до 700 км. Нејзините инженери користат голем број првокласни технички решенија, а едно од нив е огромен централен дисплеј со дијаметар од 15,6 инчи кој се наоѓа во внатрешноста на новиот теренец, наречен R1S.

Принципот на работа е сличен на оној на современите паметни телефони, при што самата работна површина се конфигурира и прозорците со апликации се прошируваат и скалираат колку што сака возачот. Навигацијата е „научена“ да создава маршрути на кои има станици за полнење на баетриите. Нарачките за Rivian R1S во Соединетите држави веќе се примаат, а испораките треба да започнат во 2020 година. Цената на возилото започнува со 72.500 американски долари, а ќе се произведува во поранешната фабрика на Mitsubishi во Илиноис.

5. Honda e – 2 х 12,3 инчи

На прв поглед, контролната табла на првиот целосно електричен автомобил на јапонската компанија Honda се состои од долг и тесен монитор. Изгледа прилично спектакуларно, но во крајна линија тоа се два екрани покриени со едно стакло. Тие можат да работат како целина, но исто така и секој за себе, така што патникот покрај возачот може да ги контролира дел од системите во својата половина.

Пред возачот се наоѓаат иконите за навигација, телефон и поставките за автомобилот, додека на другиот екран е сè што е поврзано со услугите преку Интернет и забавата. Во салонот има и виртуелен инструмент панел, како и два екрани кои прикажуваат информации од задната камера. Првиот електричен автомобил на Honda веќе е достапен за нарачка и за купувачите во Европа.