По 14 години отсуство од Стариот континент, седанот на Toyota повторно ќе се продава на европскиот пазар од 2019 година

Јапонскиот производител најави дека Camry ќе биде понуден на купувачите низ цела Западна Европа, вклучувајќи го и Обединетото Кралство.

Тековната, осма генерација на седанот на Toyota својата премиера ја имаше во 2017 година на мотор шоуто во Детроит, а во Европа ќе се продава во верзија со хибриден систем чие срце е 2.5-литарски бензински мотор.

Спецификациите за овој модел не се објавени, но познато е дека сестринскиот Camry за американскиот пазар се придвижув со 2.5-литарски I-4 бензински мотор со 206 КС (151 kW) и 250 Nm вртежен момент на кој му помага електричен мотор од 120 КС (88 kW) и 202 Nm.

Американскиот Camry хибрид е опремен со литиум-јонски батерии, а за пренос на моќноста, се користи автоматски менувач со осум брзини или eCVT менувач со електронски контролиран континуирано-варијабилен пренос.

Осмата генерација Camry е базирана на новата глобална механичка платформа на Toyota (Tngai), а хибридот во САД се продава по цена од 27.950 долари.

Не е познато колку ќе чини во Европа, но британските медиуми објавија дека во Велика Британија автомобилот ќе биде поскап од Auris хибрид и хибриднире верзии на кросоверот C-HR.