Tesla привремено ќе го прекине производството – со цел да го забрза
Американскиот производител на електрични автомобили привремено ќе го прекине производството на Model 3 во фабриката во Фримонт, со цел да ја надгради производната линија и да го забрза процесот на производство
Според агенцијата Reuters, фабричките ленти ќе бидат запрени во периодот од 26 до 31 мај.
Компанијата претходно најави дека во тековниот квартал планира привремено да го запре производството, со цел да се елиминира проблемот со „тесното грло“ во производствениот процес кое го забавува производството на Модел 3.
Тогаш беше објавено дека во вториот квартал од 2018 година производството ќе биде прекинато во период од 10 дена. Првиот човек на Tesla, Илон Маск, претходно призна дека премногу потпирање на роботите во производството го отежнувало решавањето на проблемот со застојот во изработка на новиот модел.
Илон Маск вели дека планираната надградба на производната линија ќе овозможи фабриката во Фримонт да произведува 6.000 единици од Model 3 неделно до крајот на јуни. Претходно оваа недела, Маск изјави дека до 20-ти мај, фабриката ќе може да произведува 3.500 возила неделно.
Фабриката во Фримонт во неколку наврати оваа година веќе имаше прекин на производството, во февруари и април, исто така, поради неопходни подобрувања во производната линија.
Со цел испорака на веќе нарачаните возила, преку 400.000 возила, фабриката работи во три смени, додека постројката во кое се склопува школката на Model 3 работи во две смени од по 12 часа.