Tesla (повторно) ја зголемува цената за опцијата „Full Self-Driving“
Опцијата Full Self-Driving на Tesla, која го активира автоматскиот пилот за промена на лентата на возење на автопатот или за автоматско паркирање, сега чини 10.000 американски долари, или 2.000 американски долари повеќе од порано
Цената се однесува за американскиот пазар, каде што функцијата Full Self-Driving е пуштена во лимитирана бета верзија, каде што Autopilot може да се користи и на локалните патишта.
Илон Маск, во својот твит од минатата недела, го најави ова покачување на цената, и наведе дека цената ќе се покачи и на другите пазари, кога таму ќе се отвори можноста за бета тестирање. Без оглед на името, опцијата Full Self-Driving бара постојан мониторинг од патниците во автомобилот и постојано држење на рацете на воланот.
Инаку, во текот на последните неколку години, од првото претставување, цената на оваа опција постојано се зголемува. Започна од 5.000 американски долари, по што се зголеми на 6.000 во мај минатата година, па на 7.000 во ноември, за да се достигне 8.000 во јуни годинава. Маск го оправдува зголемувањето на цената со зборовите дека, кога возилата на Tesla се целосно автономни, тие ќе можат да заработуваат пари за нивните сопственици во време кога не им е потребен автомобил, како дел од флотата на роботизирани такси возила.