Tesla мора да плати отштета поради автопилотoт: Непотребно сопира и не го препознава патот
Model X во Autopilot мод не може да препознае пречки и детали на патот, како што се сообраќајни ленти стеснети поради градежни работи
Судот во Минхен, Германија пресуди дека Tesla мора да плати отштета поради дефектниот Autopilot. Судот ја донел својата одлука откако го проучил вештачењето кое потврдило дека големиот Model X во автопилот не можел да препознае пречки и детали на патот, како што се сообраќајни ленти стеснети поради градежни работи.
Исто така, автомобилот често сопирал сосема непотребно, а судот образложил дека тоа може да претставува „огромна опасност“ од удар од друг автомобил одзади, особено во градскиот сообраќај.
За сето ова Tesla е тужена од сопственик на Model X, а судот одлучил дека американскиот производител мора да плати обесштетување во износ од речиси целата цена на новиот автомобил, кој сопственикот го платил 112.000 евра, поради дефект на системот. .
„Уште еднаш се покажа дека автопилотот на Tesla не може да направи се што тврди производителот“, вели Кристоф Линдер, адвокат кој го застапувал сопственикот на суд. Од Tesla најавија дека ќе се жалат на оваа судска одлука.
Ова е само еден од случаите кога сопствениците не се задоволни од автопилотот на Tesla. Во САД, Tesla во моментов е под истрага од страна на Националната управа за безбедност на сообраќајот на патиштата поради бројни несреќи што се случиле додека автопилотот бил активен и непотребното сопирање пријавено од стотици возачи.
Исто така, со години има притисок од многу страни врз Tesla да го смени името на својот систем бидејќи тоа ги збунува клиентите. Автопилотот е далеку од целосно автономно возење, тој е само уште еден (многу напреден) систем за помош при возење.
Од друга страна, Tesla не се откажува од развојот на Autopilot. Илон Маск најави дека до крајот на годината ќе ја лансира функцијата Full Self-Driving во Европа, која овозможува уште понапредно автономно возење. Сепак, Маск признава дека тоа ќе биде многу голем предизвик поради големите разлики меѓу патиштата и сообраќајните прописи во Европа.