Во оној момент кога некој од ривалите ќе помисли дека ја стигнува Tesla, барем според перформансите, американскиот бренд веднаш го негира тоа.

Конфигураторот за Model S за американскиот пазар нуди детали за најновата варијанта – верзијата Plaid, со три електромотори и фантастични перформанси.

Забрзувањето до 100 km/h трае помалку од 2 секунди, максималната брзина е 320 km/h, а автономијата со едно полнење е поголема од неверојатните 836 километри!

Бројки кои речиси предизвикуваат неверување. Од Tesla истакнуваат дека Model S Plaid во моментов е сериски автомобил со најдобро забрзување до стотка, а најдобар и во спринт на патека долга 400 метри (потребни се помалку од 9 секунди)! Американската марка тврди дека новата верзија на седанот располага со повеќе од 1.100 КС.

Илон Маск неодамна откри дека Model S Plaid поставил нов рекорд на патеката Лагуна Сека со време од 1 минута и 30,3 секунди. Како потсетување, овој автомобил минатиот септември постигна време од 1 минута и 36,55 секунди, што јасно укажува на постигнатиот напредок.

Американскиот бренд сè уште нема објавено фотографии од новата варијанта на својот модел предводник, но цените за американскиот пазар се познати. Почетната цена е 139.990 долари, а првите примероци до своите нови сопственици треба да стигнат на крајот од следната година.