Tesla Model S не може да се споредува со Ferrari
Првиот човек на Ferrari и групацијата FIAT Chrysler Automobiles (FCA), Серџо Маркионе, ги отфрла тврдењата дека Tesla го направила првиот електричен суперавтомобил
Маркионе неодамна изјави дека кога ќе се појави првиот суперавтомобил на чист електричен погон, тоа ќе биде исклучиво Ferrari.
Сепак, Tesla со Model S P100D влегува во оваа конкуренција со оглед на тоа што седанот со четири врати од 0-100 km/h забрзува за само 2.3 секунди – кога е вклучен „Ludicrous Mode“.
Во меѓувреме, Tesla го најави лансирањето на својот вистински суперавтомобил Roadster до 2020 година, кој треба да забрза за спектакуларни 1.9 секунди.
„Прочитав некои интересни анализи кои укажуваат на тоа дека Tesla има автомобил кој нема конкуренција помеѓу суперавтомобилите. Јас го предизвикувам секој кој го возел тој електричен автомобил да го вози на ист начин како што се вози едно Ferrari. Веднаш ќе забележите дека управувањето е сосема поинакво. Тоа значи дека кога Ferrari ќе се одлучи за електрична верзија, тоа ќе го стори на начин што и брзината и управувањето ќе го продолжат наследството“, вели Маркионе.
Врвното забрзување е од суштинско значење за автомобилите кои воодушевуваат со перформансите, но сеуште е само еден дел од мозаикот.
Најголемиот предизвик во создавањето вистински супер-автомобил на електричен погон ќе бидат големите батерии кои ќе треба да бидат така поставени за да не се наруши балансот на возилото, кој е еден од клучните фактори за стабилноста и маневрирање.