По одличниот старт на продажбата на европскиот пазар во февруари, ценовно најдостапниот автомобил на Tesla, целосно ги освои и Норвежаните

Норвешка е позната како земја каде електричните автомобили уживаат голема популарност, па така во 2018 година, токму еден електричен модел (Nissan Leaf) ја понесе титулата најпродаван автомобил на годината. Оваа година, овој модел има голем конкурент.

Веќе сега, Tesla Model 3 сериозно претендира на титулата најбарано возило за 2019 година во оваа нордиска земја.

Според податоците објавени од Teslastats, само во март (заклучно со 29-ти), на Норвежаните биле испорачани 4.609 примероци од Model 3, додека во февруари, кога моделот и започна да се продава, патот до новите сопственици го пронашле 792 автомобили.

Како споредба, вкупната продажба на Nissan Leaf во Норвешка во текот на 2018 година е 12.303 примероци.

Ова значи дека, ако продолжи со ова темпо, Model 3 може да го надмине продажниот резултат на електричниот модел на Nissan веќе во првата половина од 2019 година.