Tesla ја прекина работата на два дена во Шангај затоа што короната повторно дивее во Кина
Големиот производител на електрични автомобили, Tesla го прекинува производството во фабриката во Шангај на два дена. Агенцијата Reuters објави дека работниците и добавувачите добиле писмено известување од раководството на компанијата, што е условено од повторното ширење на злогласниот вирус на територијата на Народна Република Кина
Фабриката во Шангај работи практично нон-стоп, па затоа било важно да се информираат вработените и компаниите за снабдување за принудниот прекин на работата. Во известувањето не е наведена директната причина за затворањето на фабриката која е наречена „Гигафабрика 3“, а во која се монтираат единици со ознаките Model 3 и Model Y.
Многу градови низ Кина се борат со новиот бран на корона вирусот, а меѓу нив е и Шангај. Се прават масовни тестови, а жариштата се физички оградени во обид да се спречи натамошното ширење на најмасовната појава на заразата во изминатите две години. Оваа ситуација врши дополнителен притисок врз синџирите на снабдување.
Раководството на Tesla немаше волја веднаш да коментира на оваа тема. Инаку, фабриката на американската компанија во Кина е многу важна бидејќи возилата што се склопуваат таму, покрај во Кина се продаваат и на териториите на Јапонија и Германија. Во текот на февруари од фабричките ленти на оваа фабрика се излезени 56.515 возила, од кои 33.315 биле наменети за извоз. Податоците се јавни благодарение на Кинеската асоцијација за патнички автомобили. Кога ќе се преведе во дневни бројки, тоа значи 2.018 возила за 24 часа.
Но, веста не е децидна до крај, па не е јасно како прекинот на работа се однесува и на другите деловни циклуси, освен на производствениот. Два извори, сакајќи да останат анонимни, за новинарите велат дека другите делови од фабриката продолжуваат да работат, додека само оние кои работат на лентите се на пауза.