Tesla има тајно оружје кое носи огромен профит
Станува збор за револуционерни производи кои се во сенка на автомобилите, а сепак носат многу пари на компанијата
Повеќето инвеститори сметаат дека успехот на Tesla на берзата се должи на електричните автомобили кои ги произведува компанијата. Сепак, производите за соларна енергија и батериите за чување на електрична енергија би можеле да бидат главен фактор во големито скок на акциите на компанијата.
Алекс Потер, аналитичар во Piper Sandler, ја зголемил проценката за акциите на Tesla на 928 американски долари, што е за 199 долари повеќе од претходната проценка. Тој верува дека занемарените бизниси на компанијата, кои се во сенка на автомобилите, се всушност иднината на Tesla и тие во моментов даваат шест проценти од вкупната заработка.
„Лесно е да се заборави дека Tesla продава батерии и производи за соларна енергија. Овој пазар е доволно голем за да направи промена и доволно значаен за да го надмине автомобилскиот оддел на компанијата“, пишува Потер.
Tesla го зголемува своето производство на соларни панели, кои повеќе личат на плочки отколку на традиционалните соларни панели за кои многумина сметаат дека се незгодни. Покрај тоа, тие продаваат големи батерии, познати како Powerwall, кои можат да складираат вишок електрична енергија произведена од соларните панели во текот на денот.
Потер тврди дека бизнисот на Tesla со сончеви панели и батерии може да достигнат 80 милијарди годишно до 2030 година, а само минатата година донел приход од 1,6 милијарди американски долари. Продажбата на автомобили изнесувала 18,5 милијарди долари.
Аналитичарот е убеден дека многу купувачи на соларни панели и батерии ќе поседуваат автомобили на Tesla и ќе сакаат да ги полнат своите возила со нив, иако панелите и батериите не се ефтини и не претставуваат заштеда.
„Ова е веќе докажано во автомобилската индустрија, каде што клиентите се определиле за електрични автомобили, иако морале да потрошат повеќе за нив отколку за класичен автомобил. Во наредните години, Tesla ќе има успех во производство и складирање на енергија”, тврди Потер.