Tesla добива опасна конкуренција: премиера за Audi E-Tron GT / ФОТО+ВИДЕО
Audi на салонот во Лос Анџелес го претстави концептот на идната луксузна електрична купе-лимузина која би требало да земе дел од колачот на Tesla Model S
Станува збор за автомобил кој по облик и димензии потсетува на Audi A7 Sportback, но со спортски дизајн на надворешноста. Концептот е долг 4,96 метри, додека ширината на автомобилот е 1,96 метри. Висината на возилото е 1,38 метри, а меѓуоскиното растојание изнесува 2,90 метри.
Технолошки, E-Tron GT е создаден во соработка помеѓу Audi Sport Department и Porsche, што значи дека ја дели механичката платформа со електричниот Porsche Taycan, вклучувајќи ги и погонските батерии.
Иако Audi не откриваат податоци за автономијата на возење, се очекува дека со e-tron GT ќе да се помине повеќе од 400 километри со полна батерија, а со брз полнач батеријата ќе може да се полни до 80% од капацитетот во 20 минути, што би требало да обезбеди околу 320 км возење без запирање.
Се разбира, покрај спортскиот изглед, Audi E-Tron GT има и соодветни спортски перформанси.
Двата електромотори – по еден на секоја осовина – произведуваат вкупно 590 КС (434 kW) што овозможува автомобилот од 0-100 km/h да забрзува за 3,5 секунди, а до 200 километри за малку повеќе од 12 секунди.
Максималната брзина е ограничена на 240 km/h, пред се поради заштеда на енергија и продолжување на автономијата на движење.
Audi најави дека серискиот е-tron GT на пазарот ќе се појави кон крајот на 2020 година и производствениот модел нема многу да се разликува од концептот.