![Tata Harrier: „Индиец“ со Land Rover технологија и мотор од FIAT](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2018/12/harrier.jpg)
Tata Harrier: „Индиец“ со Land Rover технологија и мотор од FIAT
Индискиот Tata Motors, инаку сопственик на Jaguar Land Rover, го претстави SUV моделот Harrier, кој има многу европски елементи
Откако е во рацете на Tata Motors, Jaguar Land Rover бележи добри продажни резултати. Сега е време и моделите на индискиот производител да имаат некоја корист од технологијата на британскиот премиум автомобилски бренд.
Новиот Tata Harrier е изграден на механичка платформа D8, која исто така ја користи Land Rover Discovery Sport. Ова е воедно првиот Tata модел со механичка основа од овој британски производител на теренски и SUV возила. Токму поради ова, индискиот SUV по квалитет ги надминува сите модели на овој бренд досега.
Со должина од над 4,5 метри, возилото има обилен простор за патниците, а за 2020 година е најавена и верзија со седум седишта.
И додека за основа е искористена механиката на Land Rover, мотор доаѓа од друг европски производител на автомобили – FIAT. Станува збор за 2.0 литарски турбо дизел MultiJet2 агрегат со 140 КС достапни во 3.750 врт/мин и 350 Nm максимален вртежен момент на кој може да се смета при 1.750-2.500 врт/мин. Истиот овој мотор се користи и во SUV моделот Jeep Compass за европскиот пазар.
Она што е различно е тоа што Tata Harrier нема опција за погон на 4 тркала. Во моментов дури и не се планира 4×4 варијанта, додека автоматскиот менувач ќе биде понуден како опција во средината на 2019 година.
Можност за тестирање имале новинарите на Autocar India, па во продочжение можете да ги слушнете и видите нивните први впечатоци.