Првиот човек на Tesla, Илон Маск, вели дека производителот во наредните две години на американскиот пазар ќе пласира целосно роботизирани такси возила

Маск вели дека таквите такси нема да имаат потреба од возач, затоа што автомобилот е способен самостојно да ги изврши сите потребни активности и да превезува патници од точка А до точка Б. Милијардерот признава дека во периодот од две години е оптимистичен, но укажува на тоа дека Тesla веќе ја поседува вистинската технологија, како и тоа дека сега пристигнала „алката која недостасува“.

Под ова Маск подразбира суперкомпјутер е доволно брз за да обработува еден куп податоци испратени од различни сензори. Всушност, целата приказна се заврти откако првиот човек на tesla го претстави на јавноста новиот чип кој ќе биде инсталиран во сите модели на брендот. Овој чип беше претставен како главен адут на американскиот бренд за предност пред конкурентите во однос на целосно автономните автомобили.

Скептиците веќе веќе ја критикуваат работата на Маск и тврдат дека тој често греши во неговите претпоставки, особено кога станува збор за крајните рокови. Покрај тоа, му се префрлува дека целиот настан околу презентацијата на новиот микрочип го направил неколку дена пред Тesla да го објави финансискиот извештај за првиот квартал од оваа година, каде што ќе се види дека компанијата повторно губи пари.

Но, Маск не би бил тоа што е, ако не дава, во најблага варијанта, чудни изјави. На конференцијата тој изјави дека е финансиска лудост денес да се купи нешто, освен моделите на Tesla.

„Тоа е како денес да купувате коњ за транспорт“, вели првиот човек на американскиот бренд.

Милијардерот, исто така, се осврнува и на употребата на системот LIDAR и сензорите за самоуправување.

„LIDAR е глупост. Секој што се потпира на него за автономните автомобили е во голема неволја“, вели Маск.

Покрај тоа, првиот човек на Tesla најави дека во наредната година ќе пласира повеќе од еден милион автомобили на патиштата кои ќе имаат можност за целосно автономно управување.

По повод сите овие изјави, најави и слично, се огласи познатата инвестициска агенција Wedbush Securities. Еден од аналитичарите на куќата изјави дека она што го вели Маск е доста оптимистички и импресивно, но се сомнева дека Tesla е толку блиску до автономните автомобили, бидејќи според него, во оваа трка сеуште голема предност има WAYMO која е „милји понапред од останатите“.

Сличен став има и американскиот Consumer Reports. Оваа публикација исто така, ги оценува како импресивни најавите на Маск, но смета дека тврдењата за автономните автомобили на Tesla сеуште се неосновани и дека целата презентација е повеќе наменета за инвеститорите отколку за потенцијалните клиенти или потрошувачи.