Светска премиера за Yaris Cross, новиот кросовер адут на Toyota
Првично планиран како главна премиера на Toyota на авто салонот во Женева, новитетот од Toyota штотуку го здогледа светлото на денот, преку дигитална премиера
Неговото име е Yaris Cross, а во гамата на компанијата се позиционира под C-HR.
Идниот ривал во сегментот на мали урбан кросовер модели има меѓусокино растојание од 2.560 mm, како и кај Yaris, но затоа е 240 mm подолг односно 4.180 mm. Во исто време е 20 mm поширок и 90 mm повисок. Она што изненадува е релативно класичниот дизајн, забележително помирен ако се спореди со „специјалниот“ C-HR.
Попрактичен и попривлечен од Yaris, новиот модел е поставен на 18-инчни тркала, а добил и нова нијанса на златна боја. Споредбено со Yaris, багажникот може да се отвора по електричен пат, а седиштата се преклопуваат преку три сегменти.
Она што дефинитивно е изненадување е вклучување на AWD погон во понудата. На клиентите им се нуди хибриден погон со 1.5 3-цилиндерски бензинец и вкупна моќност од 116 КС. Предниот погон е постојано вклучен, а задниот се активира тогаш кога компјутерот ќе процени дека е потребно. Според Toyota, верзијата со преден погон емитува 120 g/km CO2 според стандардот WLTP, додека варијантата со погон на сите тркала ќе има емисија на CO2 од 135 g/km.
Toyota Yaris Cross ќе се произведува во погонот на компанијата во Валенсиен, Франција, со проценето годишно производство од околу 150.000 единици.