Светска премиера за новата електрична Opel Astra: Бестселерот во компактната класа сега вози целосно на струја
Покрај верзијата со пет врати, претставен е и Sports Tourer Electric, првиот целосно електричен караван на германскиот производител.
Opel ги откри првите фотографии од новата Opel Astra Electric. Покрај верзијата со пет врати, претставен е и Sports Tourer Electric, првиот целосно електричен караван на германскиот производител.
Покрај моторите со внатрешно согорување, Astra и Astra Sports Tourer веќе се достапни во електрифицирани plug-in хибридни верзии, вклучувајќи ја и верзијата GSe, а погонскиот асортиман наскоро ќе се комплетира и со целосно електричната Astra Electric, која за нараќки ќе биде достапна од пролетта 2023 година.
Електричниот погон генерира 156 КС и 270 Nm максимален вртежен момент, кои се достапни уште со првото допирање на педалата за гас. Astra Electric има максимална брзина од 170 km/h, а во зависност од стилот на возење, возачите можат да избираат помеѓу три режими на работа: Eco, Normal и Sport.
Енергијата се складира во литиум-јонски батерии од 54 kWh, а максималниот опсег според WLTP е 416 километри.
Возачот може да наполни до 80 проценти од капацитетот на батеријата за околу 30 минути на станицата за брзо полнење од 100 kW, а дополнително, електричната Astra е опремена со стандарден трифазен вграден полнач од 11 kW за ѕиден полнач во домашни услови.
Батериите се сместени во подвозјето, така што нема губење простор за патниците и багажот во внатрешноста. Со подигнати задни седишта, Astra Sports Tourer Electric нуди 516 литри багажен простор, а со нивното спуштање капацитетот се зголемува на 1553 литри.