Новиот Renault Austral ќе биде достапен за нарачка од средината на оваа година, а официјалната продажба ќе започне наесен

Kadjar на пазарот беше присутен само една генерација, за сега овој успешен француски SUV во најпопуларниот сегмент Ц на пазарот да го замени нов модел со ново име – Renault Austral. По долгата „тизер“ кампања, Французите денеска за прв пат го претставија својот нов модел, а познати се сите технички детали. Сето ова само говори за важноста на овој SUV модел за марката.

Austral е поставен на истата CMF-CD платформа како и сегашниот Nissan Qashqai и се чини дека ќе ја следи новата дизајнерска насока на брендот промовирана минатата година со електричниот Mégane E-Tech. Името Austral доаѓа од латинскиот „australis“, што значи „југ“, иако е замислен првенствено за европските пазари, а колку што е посебно името на овој модел, толку посебен е неговиот изглед кој не открива дека е технички близнак на SUV моделот на Nissan.

Надворешниот дизајн на новата Austral ги има сите белези на модерен теренец: тој е спортски, карактеристичен и технолошки напреден, а комбинацијата на мускулесто тело и остри линии со задебелен преден дел изгледа моќно и модерно. За овој впечаток придонесуваат и големите бандажи до 20 инчи кои доаѓаат со најдобрите пакети на опрема.

Има сè што очекувате од еден SUV: предна и задна заштита на подвозјето, странична заштита и контрастни летви, висок клиренс (170 mm) и висока странична линија што ја зголемува безбедноста на возачот и патниците.

„Austral совршено отелотворува еден модерен теренец и сето она што брендот Renault е способен да го обезбеди“, вели Лука де Мео, извршен директор на Групацијата Renault.

Интересниот изглед го истакнуваат голем број технолошки детали како што се LED задните светла со технологија на микро-фибер (холограм 3D ефект) и детали во облик на дијамант вградени во фаровите. Брусеното и мат централно лого Nouvel’R е исто така новина и точка на „и“ на надворешниот изглед

Мултифункционалните фарови се достапни во три верзии: Pure LED Vision, Adaptive LED Vision и Matrix LED Vision со динамични трепкачи и секако, тука е и карактеристичниот светлосен потпис на дневните светла во форма на буквата C.

Според бројките, со висина од 1,62 m, ширина од 1,83 m, должина од 4,51 m и меѓуоскино растојание од 2,67 m, Austral остава впечаток на просторност, робусност и динамика. Внатрешноста е исто така сосема нова со технолошки напреден кокпит и простор за патници кои зрачат со впечаток на квалитет, практичност и просторност.

Во кокпитот доминира големиот „OpenR“ екран веќе виден во новиот Mégane E-TECH Electric и е еден од најголемите на автомобилскиот пазар.

Посебна карактеристика е екранот во облик на L – комбинација од дигитална 12,3-инчна табла со инструменти и централен 12-инчен вертикален мултимедијален интерфејс (9 инчи во оригиналната опрема) поврзани во една единица и исклучително добро направен и прегледен.

Истите технички спецификации важат за двата екрана: TFT LCD IPS технологија, HD резолуција со 167 пиксели по инч, 60 Hz стапка на освежување, 8-битна резолуција на бои со 16 милиони бои, 80 проценти NTSC опсег на бои.

Инструменталниот дел на екранот „OpenR“ вклучува четири типа на дисплеј, во зависност од тоа што возачот сака да види во даден момент: Classic (брзина, број на вртежи), Navigation (мапи), Zen (минималистички дисплеј) и Road (визуелен приказ на патот по кој се движите и сообраќајот).

Таблата со инструменти може дополнително да се персонализира со пет графички контроли (потрошувачка на гориво, притисок во гумите, поминато растојание, индикатор за еко-возење и музика) и осум опции за амбиентално осветлување. Посебна карактеристика е воланот, со малку квадратна форма, кој гарантира совршена видливост на инструментите, додека, на пример, материјалите што се користат за тапацирот и извонредно дизајнираните седишта се висококвалитетни.

Би требало да биде удобно и во задниот дел со еден од најголемите патнички простори во својата класа, а седечката клупа поудобна и поергономична споредбено со конкурентните. Задната клупа е лизгачка (16 cm) и се дели во сооднос 2/3 : 1/3, додека наклонот на задниот дел на седиштето може да се промени.

Волуменот на багажникот варира во зависност од погонот, со или без батерија: од 430 до 500 литри. Во верзии со лизгачка задна клупа, волуменот на багажникот може да се зголеми до 575 литри (555 со батерија). Пристапот до Austral е лесен одзади благодарение на еден од најголемите предни и задни отвори во својата класа (67,6 cm напред и 57,5 ​​cm назад).

Достапна е и широка палета на видови украсни и практични детали како за надворешноста, така и за кабината. Новина се и пакетите на опрема Esprit Alpine инспириран од спортскиот дух на брендот Alpine и Iconic Esprit Alpine кој го вклучува максималното ниво на комфорна опрема (електрично прилагодливи предни седишта со греење и масажа, волан со греење…).

Во однос на безбедноста, Austral веќе располага со цела низа технологии и напредни системи за активна помош при возењето, како што е интелигентна и проактивна адаптивен темпомат, а со 32 системи за помош при возење и низа од функции за пасивна безбедност, Renault е еден од најудобните и најбезбедните модели во својата класа.

Не треба да ја заборавиме најновата генерација на системи Multi-Sense и 4Control со кои Austral носи ново ниво на уживање во возењето.

Опсегот на погонски агрегати е исклучиво хибриден, а новиот Austral има напреден E-TECH погон со батерија од 48 V и нов благ хибриден погон (Mild Hybrid Advanced) со батерија од 12 V. Новиот Austral E-TECH е максимално ефикасен, но и брз со меѓузабрзување од 80 до 120 km/h за само 5,9 секунди.

Притоа, регенеративното сопирање автоматски се активира при забавување и сопирање, а во комбинација со литиум-јонската батерија со голем капацитет, помага да се наполни возилото додека возите и ја оптимизира потрошувачката на хибридниот мотор. Овозможува 80 проценти од градското возење на целосно електричен погон и заштеда на гориво до 40 проценти спрема Renault (потрошувачка 4,6 литри / 100 km).

Достапен е и благ хибриден погон, еден вид замена за дизелот, кој својата премиера ја има токму во Austral. Станува збор за 1.2-литарски 3-цилиндерски турбо бензинец со 48 V литиум-јонска батерија и електричен стартер кој ја зголемува моќноста на термичкиот мотор (при движење и забрзување) и помага да се намали потрошувачката на гориво, располага 130 КС, кој моќноста ја испраќа до предните тркала преку 6-брзински мануелен менувач.

Во Austral се вградува и 1.3-литарски турбо бензинец со четири цилиндри со директно вбризгување кој е веќе достапен во низа возила на Renault, со помош на електричен стартер и 12 V литиум-јонска батерија. Достапен е со 140 и 160 КС и доаѓа со автоматски менувач X-TRONIC, додека верзијата со 140 КС е достапна и со 6-брзински мануелен менувач.

[useyourdrive dir=”1Op75Lg5Vo4RBwH0zBdYuU_Mtl8wpwStG” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Нарачките за новиот Renault Austral низ Европа се отвораат кон средината на оваа година, а официјалната продажба започнува наесен.