Mercedes ја претстави четвртата генерација на SUV моделот GLE (претходно ML) воочи претстојниот автомобилски саем во Париз, кога моделот ќе има и деби пред публика

Четвртата генерација на SUV моделот на Mercedes-Benz е надградена на план на моторизација технологија. Автомобилот е стилски усогласен со најновата генерација на модели на германскиот производител, иако го задржал конзервативниот дизајн кој купувачите на GLE го очекуваат од такво возило.

И додека предната страна е во препознатлив стил за Mercedes, задниот дел со некарактеристичните стоп светла е мало изненадување. Од профил гледано, новиот GLE има типичен изглед со закосен Ц столб во боја на каросеријата, што е заштитен знак за моделот во сите претходни генерации.

Од Mercedes велат дека ги подобриле аеродинамичките карактеристики и дека коефициентот на отпорност на воздух на автомобилот е намален од 0,32 (последната генерација) на 0,29.

Новиот GLE, димензиски, пораснал во однос на претходникот. Меѓуоскиното растојание е поголемо за околу 80 mm, па сега е 2.995 mm. Токму затоа, патниците во вториот ред седишта имаат дополнителни 69 mm за нозете. Тука е и верзијата со трет ред со која Mercedes GLE се претвора во корисен седмосед.

Капацитетот на багажниот простор во стандардна верзија со 5 седишта е 825 литри, а со соборување на задните седишта може да се зголеми до максимум 2.055 литри.

Во внатрешноста Mercedes продолжува да го форсира својот нов MBUX мултимедијален систем кој се состои од панел со два големи дигитални дисплеи (еден наместо аналогната инструмент табла и втор кој ги обединува мултимедијата и другите команди). Во најскапите пакети на опрема, овие екрани имаат дијагонала од 12,3 инчи.

Mercedes GLE за 2019 година на почетокот ќе биде достапен само со 6-цилиндерски 3,0-литарски турбо бензински мотор со 367 КС (270 kW) и 500 Nm, опремени со т.н. технологија mild hybrid (благ хибрид). Станува збор за 48 волтен систем кој носи EQ Boost и кој му помага на бензинскиот агрегат со 22 КС и 250 Nm, во моменти кога има потреба за дополнителна енергија и забрзување. Моторот е поврзан со 9-степен автоматски менувач.

Од Mercedes велат дека подоцна ќе ја заокружат понудата со plug-in хибридни верзии и турбо дизел мотори.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1EG56Vv_tORaXB0Ckmj1CIUF6BJcWE2xy” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Новиот GLE е опремен со најсовремени електронски системи за помош на возачот. Меѓу нив е и Active Distance Assist Distronic системот кој овозможува следење во реално време на состојбата на патот напред пред возилото (мониторинг LiveTraffic). Ако системот детектира дека има забавување на сообраќајот, автоматски се намалува и брзината на возилото, до која сензорите во автомобилот се во можност брзо да реагираат во случај на потреба.

За поудобно возење во новиот Mercedes GLE, опционално е достапен системот E-Active Body Control. Оваа технологија користи систем од 48 волти за прилагодување на воздушната суспензија на возилото во секоја точка поединечно.

Mercedes GLE за 2019 своето деби пред публика ќе го има во почетокот на октомври на автомобилскиот саем во Париз, а во салоните пристигнува во првите месеци од следната година, кога ќе се знае и цената.