Моделот не е првиот автомобил кој има ваков систем, но овој на Subaru е дефинитивно најусовршен

Subaru Levorg е еден од помалку познатите модели на јапонската марка, воглавно затоа што е караван модел резервиран за јапонскиот пазар. Првата генерација на овој модел дебитираше во 2014 година, кога беше продавана во избрани европски земји и Австралија, додека сегашниот модел, претставен минатата година, сè уште не е лансиран надвор од „Земјата на изгрејсонцето“. Доаѓа во STI Sport издание, кое многумина сигурно ќе го посакаат.

Levorg со JDM спецификации може да се нарача со надворешно воздушно перниче кое ги штити пешаците во случај на сообраќаерн инцидент. Во случај на инцидент, се надува околу долната половина на А столбовите и по долниот раб на ветробранското стакло, со цел да се спречат повреди на пешакот. Од Subaru велат дека воздушното перниче нема да се активира ако судирот е со слаб интензитет или ако возилото се движи со мала брзина.

Секако, Levorg не е првиот сериски автомобил кој има ваков систем за безбедност, бидејќи го имаше и во Volvo V40 од 2012. Во шведскиот компактен хечбек, сензорите поврзани со надворешното воздушно перниче се активни помеѓу 20 и 50 km/h и во температурниот опсег од -20 до 70 степени целзиусови.

Иако надворешните воздушни перничиња се наменети само за пешаци, развиена е слична технологија и за судир со друго возило. Имено, во 2019 година, ZF демонстрираше воздушно перниче поставено во страничниот праг на автомобилот, кое служи како продолжение на зоната на „гужвање“ помеѓу столбовите А и Ц во случај на страничен судир. Надворешното воздушно перниче е пет до осум пати поголемо од вообичаената единица за заштита на возачот, со волумен од 280 до 400 литри.

Напредокот во технологијата на воздушни перничиња продолжува и во внатрешноста на кабината, а одличен пример е актуелната Mercedes-Benz S-класа, која има воздушни перничиња за патниците позади, кои ги штитат во случај на челен судир. Луксузниот модел на Daimler не е првото возило со ваков систем, но W223 ја подигна технологијата на следно ниво, бидејќи воздушните перничиња автоматски се прилагодуваат на детските седишта и функционираат заедно со безбедносниот ремен кој се надувува.