Страшна глетка! Торнадо превртува и фрла автомобили во воздух како да се играчки / ВИДЕО
Невремето во Јужна Флорида предизвика хаос и огромни штети
Силно торнадо го погоди Палм Бич Гарденс во Јужна Флорида (САД) за време на викендот, предизвикувајќи хаос и огромни штети,, вклучително и превртување автомобили на автопат.
На видеото во прилог е снимен застрашувачки момент кога еден автомобил буквално е катапултиран во воздух пред да удри на асфалтот, покажувајќи ја моќта на природата во нејзиниот најсуров облик.
Снимката ја направила писателката Дафне Николопулос, a потоа ја споделила на својот Instagram профил. Таа била една од оние луѓе кои се нашле заробени во своите автомобили на пат кога торнадото удрило само неколку минути откако добиле известување на нивните телефони.
Николопулос го опишува искуството како апокалиптично бидејќи била сведок на „блесоци на светлина, дрвја што паѓаат и автомобили кои ветрот ги крева во воздух како да се играчки“.
Торнадото ЕФ-2, со максимална брзина на ветерот од 209 km/h и дијаметар од 402 метри, се движел североисточно, се вели во соопштението од Националната метеоролошка служба. По околу 11 минути, торнадото се „распаднало“, оставајќи зад себе 4,8 километри пустош.
Противпожарната и спасувачката служба немаат информации за жртви, но силниот ветер предизвикал значителна штета во областа. Соборени се дрвја и столбови, оштетени покриви, оштетени згради, а патиштата се преполни со шут. Друго видео објавено од ABC7 покажува „куп автомобили“ на паркинг пред станбен комплекс во Палм Бич Гарденс.