Страшен пад на продажбата на автомобили во ЕУ
Бројот на ново регистрирани автомобили во март е преполовен во однос на истиот месец лани
Пандемијата на коронавирост го зема данокот кога станува збор за глобалната економија, а тоа се однесува и на автомобилската индустрија која е една од најпогодените области.
Според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), продажбата во Европската унија во првиот квартал е намалена за 25,6%, а негативните бројки се уште поизразени во март, кога бројот на ново регистрирани возила во ЕУ е помал за 55,1%. Падот во март ќе беше уште поголем доколку во многу земји мерките во борба против пандемијата не беа донесени само за половина месец.
Гледајќи ги апсолутните бројки, на пазарите во Европската унија во март се продадени само 567.308 нови автомобили, во споредба со 1.264.569 возила во март 2019 година.
Ова е резиме од податоците за 27 земји-членки, не сметајќи ја Велика Британија која ја напушта ЕУ.
Иако сите земји на ЕУ бележат пад на продажбата на автомобили во март, таа, сосема логично, е најдраматична во Италија, каде падот бил дури 85,4%. Во март, Италијанците купиле само 28.326 возила, додека во истиот месец од претходната година се евидентирани 194.302 ново-регистрирани автомобили.
На дното од листата се Франција (-72,2%) и Шпанија (-69,3%), кои заедно со Италија се погодени од коронавирусот. Германија донекаде успеала да го амортизира падот на продажбата, така што бројот на ново регистрирани возила во таа земја минатиот месец е намален за 37,7% во однос на март 2019 година.
Кога станува збор за првиот квартал од 2020 година, во ЕУ се продадени 25,6 проценти помалку автомобили во однос на првиот квартал од 2019 година.
Ако се гледаат четирите најголеми пазари на ЕУ, во Италија падот е 35,5% (јануари-март), 34,1% во Франција, 31% во Шпанија и 20,3% во Германија.
Целосниот извештај на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) може да го погледнете на следниот линк.