Актуелната генерација на кросоверот Peugeot 3008 беше претставена пред четири години, со што од понудата на францускиот производител се елиминираше миниванот што претходно ја носеше оваа нумеричка ознака. А четири години на пазарот значат и вистинско време за поминување низ процесот на „затегнување на брчките“ и стилско усогласување со корпоративниот стил

Новата решетка на ладилникот е малку поразлична од претходната, видливи се и новите дневни светла во карактеристичната стилска форма за брендот, додека осветлувањето од предните светлосни групи е во целосна LED технологија, уште од базната варијанта. Светлата за магла повеќе не се достапни засебно, туку се интегрирани во фаровите. Тие се активираат истовремено со вклучувањето на задните светла за подобро откривање на возилото во магловити услови. Како и кај другите современи модели на Peugeot, називот на моделот е поставен на хаубата, над решетката од ладилникот.

Промените во задниот дел на возилото се скоро целосно незабележливи, а купувачите на рестилизираната верзија ќе имаат и поширок избор на достапни фелни.

Внатрешноста и онака беше прилично модерна и современа, па затоа простор за премногу корекции и нема. Разликата е во новиот екран од инфо-забавниот систем. Дијагоналата сега пораснала од осум на десет инчи. Воведени се и нови материјали користени во дизајнот на ентериерот. Треба да се каже дека внатрешниот ретровизор е лишен од видливата, пластична рамка, како и дека сега на патниците на задните седишта им се достапни два USB конектори.

Рестилизираниот кросовер се потпира на претходно дизајнираните пакети на опрема, чија содржина е веќе тестирана во однос на вкусот на европските клиенти, односно новината наследува пакети со опрема од неодамна претставениот компактен Peugeot 308. Ова вклучува три пакети опрема и три подпакувања: Active, Active Pack, Allure, Allure Pack, GT и GT Pack. Системот кој ви овозможува да изберете режим на возење е достапен за сите верзии кои користат автоматски менувач, без исклучок.

Модернизиран е адаптибилниот темпомат кој сега е во можност да го придвижи автомобилот кој претходно бил запрен поради (сообраќајни) услови. Оваа функција е достапна само во ситуации кога автомобилот поминува не повеќе од три секунди во стоечка положба.

Воведен е и систем за следење на сообраќајните настани во текот на ноќта. Тој е во состојба да препознае луѓе или животни на растојание од 200 до 250 метри, пред автомобилот. Peugeot 3008 претходно имаше систем од камери за целосен приказ на настаните околу возилото, но поради некоја причина, тоа не беше случај на сите пазари, што сега е променето.

Најмоќниот дизел од 180 КС е исклучен од европската палета. Остатокот од понудата е идентичен. Тука се турбо-бензинските мотори со ознака PureTech 1.2 (130 КС) и PureTech 1.6 (180 КС), како и турбодизелот 1.5 BlueHDi (130 КС). Шестстепениот мануелен менувач е резервиран само за модели со мотори кои испорачуваат 130 коњски сили, без оглед дали станува збор за дизел или бензин. Од друга страна, осумстепениот автоматски може да се испорача со која било верзија. Погонот е секогаш и само на предната оска, ако станува збор за за верзии без електрична помош.

Базниот Peugeot 3008 Hybrid во основа користи 1.6-литарски бензински турбо мотор со 180 КС. Тој е спарен со осумстепен автоматски менувач. Погонскиот агрегат е надополнет со моќен електромотор со моќност од 110 КС, па максималната вкупна моќност е 225 КС. 

Покрај оваа, достапна е и варијантата Peugeot 3008 Hybrid4 со погон на двете оски. Оваа верзија е придвижувана од истиот, но малку „преформатиран“ 1.6-литарски мотор со 200 коњски сили, на кој му помага идентичен електромотор како и погоре, монтиран на предната оска, но и друг што додава 112 КС на задната оска. Комбинираната моќност на овој погонски систем е 300 КС. 

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1KaK29_c_5Z4ng1O5LE2aEqzr6V5V1WPS” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Рестилизираниот Peugeot 3008 во европските салони доаѓа кон крајот од годината.