Според шефот на Renualt, цената на малите градски автомобили наскоро би можела да се дуплира
Тоа не значи дека и ќе исчезнат
Според продажните бројки, на многу пазари на глобално ниво, Б сегментот е пред изумирање, иако сè уште е доминантен тип на автомобил во многу европски земји. Тука се малите кросовери кои сè повеќе го преземаат приоритетот, дури и во урбаните области. Сепак, со вкупна продажба од 2,25 милиони единици во 2020 година, јасно е дека има уште голем интерес за малите градски автомобили.
Она што не оди во прилог на конвенционалните возила се сè построгите еколошки прописи. Новиот стандард за емисии Еуро 7 се очекува да стапи на сила некаде кон крајот на 2025 година, и реално ќе претставува нов проблем за моделите напојувани од мотори со внатрешно согорување. Ова значи дека и малите градски автомобили ќе бидат поскапи, и тоа значително.
Шефот на групацијата Renault, Лука де Мео, неодамна зборуваше на различни теми поврзани со автомобилската индустрија, од стратегија која се фокусира на електрични автомобили, до ситуацијата со Б сегментот. Имено, во кратки црти, иднината на малите автомобили не е светла, бидејќи тие се сè поблизу до непрофитабилни. Сепак, има простор работите да се променат на подобро.
„Постои одредена цена било кој мотор со внатрешно согорување да се направи почист“, вели Лука де Мео. „Потребен ви е филтер за саѓи кој содржи платина, родиум и други скапи работи, како за Clio од 15.000 евра, така и за Mercedes-Benz S-Class од 120.000 евра. Рака на срце, кај Mercedes е малку поголем, но е многу поевтин во пропорционална смисла, така што не претставува голем дополнителен удар врз клиентите од Ѕ-класата. Сосема е поинаков случајот со купувачите на автомобили од Б-сегментот“.
Без да навлегува во многу детали, Де Мео вели дека градските модели со SUS мотори можат да станат двојно поскапи од моментот кога Еуро 7 ќе стапи на сила. Кое е решението? Шефот на Renault верува дека одговорот е во електричната енергија.
„Во меѓувреме, цената на батериите опаѓа за околу 10 проценти годишно, според нашите податоци. На малите електрични автомобили им требаат помали батерии, така што нивната електрификација ќе биде релативно поевтина во споредба со едно семејно електрично возило. Како што растат цените на конвенционалните автомобили, така растат и цените на еквивалентните електрични модели. Се приближуваме до моментот кога ќе се вкрстат двете криви на трошоците, што ќе значи дека електричните автомобили ќе станат поодржливи во Европа“, објаснува де Мео.