Според Bloomberg, Tesla останува без пари до крајот на годината
Првиот човек на Tesla Илон Маск на 1 април се пошегува дека компанијата е во банкрот. Се разбира тоа не се случи, но ако може да се верува на информациите на Bloomberg не е далеку од тоа
И покрај „најпрофитабилниот квартал во историјата на компанијата“ на почетокот од 2018 година, Tesla и понатаму има потешкотии да ги исполни нормите за Model 3, што е причина за нервоза кај инвеститорите, па сето тоа влијаеше на падот на вредноста на акциите.
Во април, Tesla објави дека достигнала најбрз раст помеѓу автомобилските компании во модерната ера, но тоа се чини премногу ја чини компанијата.
Како што пишува Bloomberg, Tesla губи по 6.500 долари секоја минута, што е 390.000 на час, или 9.360.000 долари дневно.
Овој масовен одлив на пари значи дека Tesla може да остане без пари веќе до крајот на 2018 година. Аналитичарите предвидуваат дека компанија треба да собере две милијарди долари само оваа година, притоа истакнувајќи дека Tesla има долг од 1,2 милијарди, кој доспева во 2019 година.
Јавните публикации покажуваат дека слободниот тек на кеш пари на Tesla е негативен веќе петти квартал последователно. Компанијата има тенденција на негативен паричен тек, но стапката значително е зголемена во последните квартали.
Интересно, и покрај сите негативни вести, Tesla има големи амбиции за иднината. Во следните две години на пазарот ќе биде лансиран новиот Roadster, потоа електричниот шлепер како и компактен SUV Model Y. Големо прашање, кое засега е без одговор, е како Tesla планира да ги произведе сите овие модели, бидејќи веќе има проблеми со доцнењето, а бројот на вработени не се зголемува како на пример во Ford или General Motors.