Smart минатата година потврди дека подготвува електричен теренец за кој се вели дека веднаш ќе биде препознатлив како ултра-модерен, софистициран и напреден во однос на можностите за конекција

Smart SUV ќе се базира на SEA платформата на кинеската компанија Geely (со која Mercedes претходно постигна договор за иднината на брендот Smart), со најава дека ќе биде дизајниран со помош на Mercedes.

Овој модел ќе означи промена во дизајнерскиот јазик и позиционирањето на марката во согласност со „растечките премиум и високотехнолошки аспирации“. Поточно, моделот најавува нов идентитет на брендот – поубав, поспортски и „покул од порано“.

Освен во Кина (каде што ќе се произведува), Smart SUV ќе се продава и во Европа.

Smart и Geely најпрво ќе прикажат концептна верзија наречена Smart Concept #1 (развиена под кодно име HX11) следната недела на салонот во Минхен, додека серискиот модел ќе биде достапен од 2022 година. А тука се и најавните тизер фотографии.

Засега е познато дека станува збор за досега најголемиот Smart модел (со 5 врати, долг околу 4 метри, простор за 5 лица), со најава дека „великодушно димензионираната“ внатрешност е наменета за потребите на младите семејства.

Неофицијално е наведено дека ќе има електричен мотор со моќност од 268 КС, литиум-јонска батерија помала од 70 kWh и автономија од повеќе од 500 километри според циклусот NEDC. Се споменува и панорамски покрив, детали во златна боја, ентериер со врвен изглед и допир, гласовни команди и дигитален клуч.