Škoda Scala Edition S со 190 КС
По третман од тјунерската куќа АBТ, „набилданата“ Scala ќе ја продава директно Škoda во своите изложбени салони
Кога чешката марка го претстави концептот Vision RS во октомври 2018 година на Саемот за автомобили во Париз, постоеше општо мислење дека Scala ќе добие и Hot Hatch издание.
На крајот на краиштата, изложбениот примерок навистина имаше сериозен хибриден погонски систем, базиран на 1.5 TSI агрегат, кој испорачуваше 245 КС. Сепак, сега сме во средината на февруари 2021 година и нема ни трага ни глас од Scala во RS издание. Сепак, оние кои сакаат да имаат спортски ориентиран хечбек со значката на Škoda во гаражата, ќе можат да си ја дозволат новата Scala Edition S.
Развиена од германската дивизија на Škoda во соработка со тјунерската куќа ABT, Scala Edition S не е чист RS дериват, иако е со повеќе перформанси од стандардната верзија. Четири цилиндерскиот 1.5 TSI мотор е сè уште во игра, спарен со 6-степен мануелен менувач. Сепак, специјалистите од Кемптен ја „калибрирале“ машината на 190 КС и 290 Nm, што е зголемување за 40 „коњи“ и 40 Nm.
Scala Edition S е достапна во премиум Monte Carlo трим, а покрај поголема моќност, добива и поцврста суспензија, со што телото се приближува до земјата за 15 милиметри. Тука се и 18-инчните ABT тркала, како и суптилни завршни работи во аеродинамиката, додека внатрешноста е збогатена со црна ткаенина за тапацир на седиштата и педали од не’рѓосувачки челик. Што се однесува до изборот на бои, тука се „челично сива“, „магично црна со бисерен ефект“ и „кадифено црвена премиум металик“.
Производството ќе биде ограничено на 500 единици, а Škoda Deutschland е подготвена да прифати нарачки по цена од 33.790 евра. Секако, забележителна е повисоката цена, бидејќи стандардната Scala Monte Carlo во Германија чини 24.350 евра.