Како и секогаш, за овогодинешното издание на Super Bowl (14.02), производителите на автомобили одлично се подготвиле, но се чини дека најдобрата реклама ја подготвил германскиот BMW

Веќе со тизер видеото беше јасно дека станува збор за реклама за која долго ќе се зборува. А како и нема кога во главната улога е Арнолд Шварценегер како грчкиот бог на боговите Зевс. Неговата сопруга Хера е отелотворена од уште една филмска легенда – Салма Хајек.

„Хуморот е во тоа што легендарниот бог на небото и громот, кој се смета за бесмртен, мака мачи со конвенционалната домашна електроника“, објаснува Шварценегер. „Ова е мојата прва реклама за Super Bowl и прва во која играм божица“, вели Хајек и дополнува дека „75% од одлуките во бракот за тоа каде да се трошат парите ги донесува жената, а тоа е пресликано и во рекламата бидејќи жената е таа која донесува одлука за тоа кој е вистинскиот автомобил за својот маж“.

Ако на сè се додаде и врвната продукција, јасно е дека оваа реклама би можела да биде прогласена за најдобра во овогодинешното издание на Super Bowl, кое се одржува оваа недела. А конкуренцијата е жестока затоа што редовно ова се најдобрите и најскапи реклами во годината. Впрочем, тоа е еден од најгледаните спортски настани во светот.