![Симбиоза на мотоцикл и автомобил – идеја на Ford во процес на патентирање](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2018/05/simbioza.jpg)
Симбиоза на мотоцикл и автомобил – идеја на Ford во процес на патентирање
Ford поднел барање за заштита на патент решение со кое е предвидено мотоцикл да се интегрира во автомобил, кој врз основа на цртежите, се претпоставува дека е Focus или Escort караван
Компанијата овој концепт го нарекува мулти-модален транспортен уред, а налик на она што го има направено Honda со Motocompo моделот на две тркала во текот на осумдесеттите години на минатиот век.
За разлика од Motocompo, мотоциклот на Ford се извлекува од предниот дел на возилото во Batmobile стил, со цел продолжување на транспортот со негова понатамошна употреба во соодветна ситуација.
Се разбира, тоа што Ford поднел барање за регистрација на патент не значи и комерцијализација на концептот. Канцеларијата за патенти и трговски марки на САД ќе ги објави одлуките врз основа на поднесени пријави во рок од 18 месеци од датумот на поднесување на барањето.
Во барањето за заштита на патент се наведува дека мотоциклот може да биде опремен со технологија на автономно возење и електричен мотор. Мотоциклот би бил безбедно прицврстен за автомобилот, а конекцијата „би можела да се воспостави од страна на корисникот на начин со кој лесно мотоциклот може да се дисконектира од возилото“. Мотоциклот и автомобилот може да се користат независно еден од друг.
Батеријата која припаѓа на мотоциклот би била поврзана со електричниот систем на автомобилот, што е пример за можна хибридна конструкција. Ова значи дека батериите и на мотоциклот и на автомобилот ќе се полнат истовремено.
Инфо-забавниот систем е составен дел од мотоциклот.