Предсезонските тест недели во Барселона завршија, а веќе за 14 дена не очекува и првата сезонска трка во Австралија. Дали може да се извлечат некакви заклучоци од осумте тест денови?!

Познато е дека на зимските тестирања по правило тимовите не даваат 100% во еден круг, така што овие времиња секако не се вистинско мерило за перформансите. Меѓутоа, ако се земе во предвид дека многу експерти најавија поспори болиди и трки во 2019 година, тогаш постигнатите времиња во Барселона не го кажуваат тоа. Времињата на Фетел и Хамилтон се минимално побавни од најбрзото време на патеката.

Тимот на Mercedes извозе убедливо најмногу кругови во Барселона – 1190 круга или дури 193 повеќе од Ferrari. Колку многу е тоа што покажува податокот дека овие двајца шампиони направиле километража еквивалентна на 18 големи награди.

Тимот на Williams некако успеа да го надокнади првиот дел од тестовите, поради каснењето на болидот. За жал, Williams во овој момент е најспориот тим во гридот и се наговестува дека британскиот тим го чека уште една тешка сезона.

„Ќе лажам ако речам дека во овој момент не сме најспори, тоа е реалноста“, вели Џорџ Расел.

Red Bull е на 4-то место според поминатата километража. Сепак, Хелмут Марко и останатите од тимот не треба да бидат премногу загрижени, бидејќи немаа било какви проблеми со моторот и други сегменти од болидот.

„Во симулација на трка сме ветувачки. Мислам дека нашиот пакет е прилично добар, а моторот изгледа фантастично. Среќен сум. Mercedes и Ferrari се секогаш брзи. Не знам дали сме подобри од нив, но сум оптимист“, вели Макс Верстапен.

Пред почетокот на сезоната општ впечаток беше дека средината од гридот е поблиску до „големата тројка“, а времињата на тестирањето тоа и го потврдија.

Haas e половина секунда побрз отколку на ланските тестирања (минатата година беа 1.5 секунди побавни од најбрзото време, оваа зима помалку од 1 секунда), Toro Rosso, Renaul и McLaren барем според резултатите се исто така многу побрзи.

„Се поправивме во многу сегменти. Не велам дека автомобилот е совршен, но генерално мислам дека имаме многу подобар почеток од минатата година. Сè уште имаме проблеми и работи кои не мачат. Разликата е во тоа што сега знаеме што е проблемот и кога правиме нешто во врска со тоа, болидот реагира позитивно“, вели дебитантот во McLaren, Ландо Норис.

Racing Point изгледаше прилично лошо на зимските тестови. Од тимот велат дека верзијата на болидот на тестовите е „основна верзија“ и дека на Австралиската ГН ќе дојде со големи надградби.

Францускиот Renault ја оствари својата главна цел пред тестирањата – солидна километража, според која се трети. Постигнатите времиња исто така се добри, па навистина ќе биде интересно да се види како ќе помине сезоната за овој тим.

Како и да е, се чини дека не очекува поинтересна, повозбудлива и понеизвесна тркачка сезона. Како што веќе наведовме, првата ГН е на распоред веќе на 17 март.