Според последните информации, Opel ќе ја претстави новата генерација на Astra во септември оваа година

Шестата генерација на Astra е веројатно една од најочекуваните премиери оваа година, а германскиот бренд објави дека производството на новиот модел ќе започне во фабриката во Риселсхајм на 30 август.

Досега се зборуваше многу за дизајнот, пред се поради примената на Vizor дизајнот веќе преставен преку изгледот на новата Mokka. Сепак интересно е и прашањето што ќе понуди Opel кога станува збор за погонските единици?

Два погонски агрегати се сигурни – 1.2 PureTech и 1.5 BlueHDi, односно бензинец и дизел од групацијата PSA, кои најдоа примена во голем број модели. Бензинскиот мотор е 3-цилиндерски, додека дизелот е со четири цилиндри.

Бензинскиот 1.2 PureTech треба да биде достапен во варијанти од 110, 130 и 155 КС. Барем така мислат германските медиуми. Германските новинари исто така се убедени дека Opel ќе понуди две верзии на дизел агрегатот – со моќност од 100 и 130 КС. Ова е помалку веројатно, со оглед на тоа дека неодамна претставениот Peugeot 308 е достапен само со помоќната верзија со 130 КС.

Веќе подолго време се шпекулира дека Astra подоцна може да добие и 4-цилиндерски бензинец – 1.6 PureTech.

Бидејќи новата Astra ќе биде поставена на платформата EMP2 која ја користат и сестринските Peugeot 308 и DS4, значи дека ќе има и plug-in хибридни изданија, иако информациите по ова прашање се прилично конфузни. Така, може да се прочита дека идниот кандидат на Opel во сегментот C ќе биде достапен со plug-in хибридни верзии со 150 и 225 КС (според одредени француски стручни портали), или 180 и 225 КС, како што тврдат повеќето германски публикации . Покрај тоа, се зборува и за потенцијален хибриден hot hatch кој би користел plug-in хибриден сетап со дури 300 КС (пренесен од Peugeot 3008).

Бидејќи раководството на Peugeot неодамна ја отфрли идејата за хибриден перформантен хечбек, сигурно е дека раководството на Stellantis нема да дозволи производителот од Риселсхајм да започне ваков потфат. Наместо тоа, пристигна нова гласина – потенцијален електричен 308.

Наводно, Peugeot би можел да лансира и EV издание на својот хечбек, а доколку тоа се случи, тогаш нема сомнение дека и Opel ќе тргне по истите стапки, така што шестата генерација на Astra би била првата која ќе добие и електрична варијанта.

Opel веќе потврди дека следната година ќе ја претстави Astra и во караванска верзија, а агрегатската понуда ќе остане иста како кај хечбекот.