Најбарани во текот на летото се автомобили стари 20 години со просечна цена од 1.400 евра

Шпанскиот пазар на автомобили годинава се развива во чуден правец – се купуваат се повеќе автомобили постари од 20 години, пишува Reuters. Ова однесување, повеќе типично за пазарите како што е, на пример, македонскиот, е поврзано со економските потешкотии и неизвесноста поврзана со пандемијата на корона вирус. Некои од овие купувачи се всушност луѓе кои досега користеле јавен превоз, но сега сметаат дека истиот не е доволно безбеден.

Во јули и август продажбата на повеќе од 20-години стари автомобили се зголемила за 31% во споредба со истиот период минатата година, при што бројот на купени автомобили достигнал скоро 44.000, покажуваат податоците на Институтот за автомобилски истражувања на Шпанија, а цитирани од Reuters. Просечната цена на секој од овие автомобили е околу 1.400 евра, а на порталот за продажба на автомобили Sumauto може да се најдат и автомобили за 500 евра.

Растот на продажбата на стари автомобили е надополнет со скромното зголемување на трансакциите со нови автомобили во јули – за 1,1% на годишно ниво и пад во август за 10 проценти.

Шпанската економија се предвидува да има пад од најмалку 9 проценти во 2020 година, а невработеноста повторно се зголемила во август, по краткото опаѓање во јули, па Шпанците бараат начини да заштедат пари. Но, користењето на постари автомобили може да има негативно влијание врз животната средина и да го зголеми ширењето на респираторните заболувања.

„Дури и кога беа нови, овие автомобили загадуваа повеќе затоа што еколошките правила не беа толку строги, пред 15 или 20 години“, вели Андријан Фернандез, експерт за транспорт во Greenpeace Шпанија. „Во однос на заштитата на квалитетот на воздухот, ова е чекор назад. Ова значи негативни последици за луѓето во ширењето на респираторни заболувања, вклучително и Covid-19 “.

Во Шпанија има скоро пола милион лица заразени со вирусот, најмногу во Западна Европа.