На снимката од безбедносните камери се гледа како крадците крадат шест Dodge Challenger SRT Hellcats од салон за помалку од една минута.

Крадци упаднале во застапништвото Don Franklin Somerset Chrysler Dodge Jeep Ram лоцирано во Сомерсет, Кентаки, САД и за многу малку време успеале да украдат дури шест автомобили во вкупна вредност од 600.000 долари.

Од полицијата велат дека седум лица влегле во салонот преку прозорец, по што ги пронашле клучевите и се одвозиле. За да украдат им биле потребни 45 секунди.

При кражбата го вклучиле алармот, на кој му требаат 60 секунди за да се огласи, но автомобилите „исчезнале“ 20 секунди пред да се огласи. Полицијата на адресата пристигнала три минути подоцна.

Крадците се разделиле и тргнале во различни правци, но во текот на ноќта полицијата успеала да пронајде пет од шесте автомобили, од кои еден бил уништен при полициската потера, а возачот бил уапсен. Четири автомобили се пронајдени на различни локации во Тенеси и Алабама. Најмалку еден од нив останал без гориво.

Полицијата се уште трага по шестиот автомобил, за кој се верува дека е во Алабама.

Ова е втора кражба на автомобили од споменатиот салон. Во септември 2022 година беа украдени четири Hellcat модели.