Германските производители се загрижени, бидејќи веруваат дека инфраструктурата е слаба алка што ги загрозува нивните напори да ја стигнат Tesla

За време на патувањето на одмор, шефот на групата VW, Херберт Дис, лично се уверил во тешкотиите што ги носи полнењето на батериите на едно електрично возило.

Тој на социјалните медиуми го критикува Ionity, заедничко вложување во кое учествува и Volkswagen, обвинувајќи го за очајно искуство поврзано со возење со ID 3.

Дис напишал дека имал проблеми да најде функционален приклучок долж преминот Бренер, кој ги поврзува Австрија и Италија

 

„Продолжив да возам кон Тренто“, пишува тој на LinkedIn, пред да ги опише своите искуства со станицата на Ionity што ја нашол во овој град во северниот дел на Италија. „Нема туш, нема кафе, полначи што не работат, се е тажно. Тоа е се само не премиум искуство со Ionity!

Заедничкото вложување, започнато од VW, Daimler, BMW и Ford Motor во 2016 година, беше замислено како одговор на Tesla Superchanger мрежата.

Дис не е единствениот што изразува критика. Зилке Багшик, шеф за маркетинг на брендот VW, минатата година изјави дека цените за наплата на Ionity се превисоки. Шефот на Audi, Маркус Дисман, во јануари изјави за Handelsblatt дека Audi размислува за формирање сопствена мрежа во поголемите градови.

Незадоволството од Ionity го отсликува ставот на германските производители дека инфраструктурата е најслабата алка во напорите да се стигне до Tesla.

Откако минатата година продажбата на електрични автомобили се зголеми за тројно во Европа, компаниите стравуваат дека долгите редови на станиците за полнење ќе ги предомислат потенцијалните купувачи.

Шефот на Ionity Мајкл Хајеш во интервју дадено оваа година изјави дека ентитетот е во преговори со акционерите, во врска со значително проширување на европската мрежа на полначници, за да се израмни со зголемената продажба.