Ferrari официјално го претстави долго најавуваниот модел со хибриден погон и неверојатни перформанси

Неговото име е SF90 Stradale и во моментов е најмоќното Ferrari за регуларни патишта. Како и успешниот претходник LaFerrari, и во овој случај станува збор за хибрид, но, сега со „мал“ бензински мотор, а може да се полни и како plug-in хибрид и има погон на сите тркала. Со своите 735 kW / 1000 KS е навистина најмоќното Ferrari во историјата.

Тој „мал“ бензински мотор е 4.0 V8 турбо кој испорачува 780 KS и 800 Nm, што само по себе зборува дека ова е најсилниот Ferrari V8 болид до сега. Тука доаѓаат и три електромотори, еден напред и два назад кои ги испорачуваат останатите 220 КС. Сето тоа е споено со 8-степен менувач со две спојки и за прв пат погон на сите тркала.

SF90 Stradale до 100 km/h стигнува за 2,5 секунди, до 200 km/h му се потребни 6,7 секунди, а максималната брзина му е 340 km/h. На домашната потека во Фиорано, SF90 Stradale е скоро секундна побрз од LaFerrari.

Бидејќи станува збор за plug-in хибрид, тоа значи дека ова Ferrari ќе има и одредена возна автономија само на струја, а таа е до 25 km, со максимална брзина од 135 km/h. Батеријата е со капацитет од 7,9 kWh.

Аеродинамиката е врвна, со 15 mm подигната предна страна на возилото за подобар проток на воздухот. При 250 km/h се осигурува потисок од 390 килограми. Автомобилот е тежок 1.570 килограми, што е 13 килограми помалку од LaFerrari. Шасијата сега е 20% поцврста и има 40% поголема торзиона крутост. Кокпитот е целосно дигитален, со 16 инчен екран и F1 интерфејс.

Цената сеуште не е објавена, иако се шпекулира со сума од околу 800.000 евра.